Крстевски влегува во трка за градоначалник на Кочани: „На градот му требаме ние – младите“

од Марта Пешевска
45 прегледи

Вршителот на должноста градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, објави дека на претстојните локални избори ќе се кандидира како независен кандидат. Во гостување во емисијата „Политиканти“, Крстевски изјави дека добива масовна поддршка од своите сограѓани, особено во најтешкиот период за градот – по трагедијата во дискотеката „Пулс“, каде животот го загубија 62 млади лица, а над 200 беа тешко повредени.

„На Кочани му требаме, пред сè ние – младите, да го исправиме, да му ја вратиме душата. Но, за тоа ни треба помош од централната власт, затоа што сами не можеме да реализираме низа проекти кои се клучни за нашата општина“, порача Крстевски.

Тој откри дека по несреќата, ниту премиерот, ниту министерот за здравство или за локална самоуправа ја посетиле општината. „Премиерот го сретнав во Скопје, пријде, ми подаде рака, но досега – никој од Владата не дојде во Кочани по трагедијата“, рече Крстевски, видно разочаран.

Посебен апел упати до министерката за финансии Кочовска, од која, како што вели, сè уште чека дозвола за вработување персонал во новата градинка која е целосно завршена, но не може да започне со работа со години. „Кочани има огромна потреба од уште една активна градинка – а објектот стои празен“, предупреди тој.

Коментирајќи ја неодамнешната изјава на премиерот, во која се споменуваат граѓански организации со политички амбиции – наводно мислејќи на здружението „Супорт Кочани“ – Крстевски реагираше остро:

„Тоа здружение беше двигателот на целата помош за настраданите, тие се нашата поддршка и не заслужуваат такви шпекулации. Градот беше во шок, а тие беа првите што застанаа зад луѓето. Не ни требаат политички игри врз трагедијата“, рече тој.

На прашање дали Владата досега помогнала финансиски на семејствата на загинатите и повредените, Крстевски одговори дека, колку што му е познато, институционална помош не е пристигната. „Единствено што сега почнуваат е реконструкција на болницата. Болница што 40 години не е обновена, иако е регионален центар за целиот Исток“, кажа тој и додаде дека „дијаспората и Македонската православна црква беа тие што вистински помогнаа“.

Крстевски досега беше два мандата независен советник во Советот на Општина Кочани. По апсењето на поранешниот градоначалник Љупчо Папазов, тој беше изгласан за вршител на должноста градоначалник – функција која ја извршува до есенските локални избори.

Слични содржини