Крстевски за „Локално“: Изненаден сум од фактот што советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ми дадоа поддршка

Работата на Папазов беше многу слаба, истото го мислат и најголем дел од граѓаните на општина Кочани, вели новиот в.д. градоначалник

од Nikola Popovski
3,K прегледи

Во една од своите први изјави за јавноста откако стана нов в.д. градоначалник на општина Кочани, досегашниот независен советник, Венко Крстевски изјави дека ќе се залага за младите во градот. Во изјава за „Локално“, тој истакна дека со посветена работа и со помош на фирмите на општината, ќе се започне постапка за реализација на сите проекти кои што се предвидени од страна на претходниот градоначалник и сите проекти кои што се предложени од страна на советниците.

-Фокусот ќе биде пред се, за политики на младите, воздигнување на нивниот дух, поттикнување на нивната креативност и многу волонтерска работа, со цел да се издигне градот преку дел на пошумување, дел на јавна чистота, хигиена на живеење и поттикнување на здрави навики, истакна Крстевски.

Крстевски доби 9 гласови „ЗА“, а еден беше „воздржан“ за негово назначување, додека неговиот противкандидат Гоце Марков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ доби 8 гласови „за“ и еден „воздржан“. Вели дека е изненаден од тоа што советниците на ВМРО-ДПМНЕ не му пружиле поддршка.

-Мислев дека ќе добијам поддршка и од нив. Тоа го коментирам како жално и очајно, рече Крстевски за фактот дека партијата која има мнозинство во Советот на градот излезе со свој кандидат за в.д. градоначалник.

За досегашната работа на сега веќе градоначалникот, Љупчо Папазов, неговиот наследник смета дека неговата работа била многу слаба, а, како што вели, истото го мислат и најголем дел од граѓаните на општина Кочани.

Во делот на МВР и дали постоеле сомнежи за криминали во самиот град во изминатиот период кои поминувале под „радарот“ на полицијата, в.д. градоначалникот смета дека требаше да се посвети поголемо внимание за да не дојде до немилиот настан во Пулс.

-Ако таму гледаме дека претходно имало пиротехнички материјал, требало да реагираат многу порано, констатира Крстевски.

Тој се надева дека централната власт ќе го оствари тоа што го вети за поголеми вложувања во градот, на една од следните седници на Владата со конкретни чекори и мерки. Дециден е дека на Кочани му е потребно да се поттикнуват младите со идеи и проекти, нивната креација и имагинација и смета дека дека ќе успеат да го оживеат тоа

-Го делам ставот на моите сограѓани од Кочани и бараме неселективна истрага, ни рече Крстевски, запрашан дали повеќе актуелни функционери од неколку надлежни институции требаше да бидат предмет на истрагата за трагедијата.

Околу ставот на група кочанчани, меѓу кои и лица кои се спасиле, а биле во дискотеката кои бараат слобода за обезбедувачите на „Пулс“ кои се дел од обвинетите, Крстевски се согласува со апелите на грашаните дека обезбедувањето на дискотеката неправедно е во притвор бидејќи, како што вели, тие не можат да влијаат на сведоците и не можат да го повторат делото.

-Не верувам дека ќе се дадат во бегство бидејќи сите имаат свои семејства. Не е коректно тие да бидат на првата линија на одговорност, за разлика од МВР, порача за крај Крстевски.

Општина Кочани остана без градоначалник откако Папазов заврши во притвор како осомничен за трагичниот пожар, а во кој животот го загубија 61 лице. Претходно од советничката група на СДСМ во Кочани соопштија дека нема да предложат свој кандидат за в.д. градоначалник и го поддржаа Крстевски.

Н.П.

Слични содржини