Сузбивањето на корупцијата преку зголемена транспарентност на институциите и активна соработка со граѓаните и граѓанските организации е клучно за зајакнување на довербата во локалната самоуправа, а токму дигиталните технологии можат да помогнат за ефективна борба против корупцијата на локално ниво.
Ова беше пораката испратена преку тематскиот форум „Отворена општина – активна заедница” кој се одржа на 24 септември во Граѓански ресурсен центар во Скопје, во организација на Фондација за интернет и општество Метаморфозис, Рурална коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21, во рамки на проектот „Дигитална трансформација на локално ниво (ДИГИЛОК) – Вклучена заедница за отпорност на корупција” финансиран од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Целта на форумот беше да се поттикне акција против корупцијата, обединувајќи претставници од институциите, локалната самоуправа, граѓански организации, активисти, експерти, граѓани и медиуми во заедничка борба заснована на инклузивност и соработка.
Александар Кржаловски, Национален тим лидер на Програмата Цивика мобилитас, истакна дека денешниот настан е посветен на транспарентноста и отчетноста на општините, како и на презентацијата на Индексот на отвореност на локалната самоуправа за 2025 година. Тој нагласи дека е забележано подобрување кај дел од општините и ги повика и останатите општини да го следат нивниот пример, бидејќи сите заеднички работиме за доброто на граѓаните, треба да соработуваме и сите заедно да учествуваме во напорите за подобрување на состојбите во нашата држава.
Во своето воведно обраќање, Данче Даниловска-Бајдевска, Програмска директорка во Фондација „Метаморфозис” нагласи дека граѓаните сметаат дека корупцијата има длабоки и разорни последици – од лошо изградени патишта и несоодветни јавни услуги, до намалување на довербата во институциите и обесхрабрување на граѓаните да учествуваат во јавниот живот. Токму затоа е клучно да работиме заедно – институциите, граѓаните и граѓанските организации – за да изградиме поотворени, поодговорни и поинклузивни локални самоуправи.
На форумот беа претставени последните наоди од Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија изготвена преку Индексот на отвореност за 2025 година. И со мало подобрување, нивото на отвореност на локалната самоуправа останува ниско, како што потврдуваат наодите од Индексот на отвореност според кој просекот на отвореност на сите 81 единица на локална самоуправа изнесува 40%.
Градоначалникот на Општина Берово, една од најотворените општини, споделувајќи ги практиките кои ги спровеле за подобрување на транспарентноста и отвореноста кон граѓаните а се однесувале за сите политики и општински одлуки, во поглед на ажурирање и пристапност со цел зголемување на довербата кај граѓаните, истакна дека пред сѐ тој како градоначалник е секогаш отворен за комуникација со граѓаните и се заблагодари на општинска администрација затоа што зад секоја успешна општина стои добра општинска администрација.
Менторската поддршка за отвореност пружена преку проектот ДИГИЛОК за девет општини меѓу кои Крива Паланка, Кочани, Штип, Аеродром, Демир Хисар, Струга, Валандово, Неготино и Гостивар, им помогна на општините да ја подобрат својата отвореност кон граѓаните за 2% до 13%, со цел да се поттикне поголемо и поинформирано учество на граѓаните во локалните процеси на одлучување.
На форумот беа истакнати придобивките од дигиталната платформа мЗаедница како алатка за поголемо граѓанско учество со нова функционалност за онлајн консултации. За алатката, Игор Дамјановски, Раководител на одделението за управување со човечки ресурси во Општина Демир Хисар, која воедно е и корисник на мЗaедница, истакна дека дигитализацијата на општините е од исклучителен приоритет, што се покажа особено важно во периодот на Ковид. Па така, Општина Демир Хисар разви неколку дигитални алатки за олеснување на давањето услуги на граѓаните, а со приклучувањето кон мЗаедница им овозможи на граѓаните да придонесат за подобра заедница, да бидат дел од активностите на општината и да остварат двонасочна комуникација со општината. Граѓаните на Општина Демир Хисар досега имаат креирано 30 профили и поднесено околу 10 предлози за инфраструктурни и комунални проблеми со кои се соочуваат. мЗаедница овозможува олеснување не само за граѓаните во добивањето на услугите, туку и за администрацијата во давањето на истите.