Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија преку прес-конференција обвини дека се прекршени правата на работниците кои сакаат да излезат од еден синдикат и да влезат во друг синдикат.
Според нив, работникот мора да чека 3 години за да излезе од еден синдикат и да се зачлени во друг и дека овој апсурд го нема никаде освен во Македонија.
Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, соопшти дека работник кој сакал да си даде оставка од Синдикатот се обратил до Уставниот суд, каде на 9 октомври 2024 година констатирале дека никој не може да ги натера граѓаните на одредени синдикати.
Според него, Уставниот суд застанува на страната на синдикалната акција и нагласил дека за ваквата состојба ќе го информираат премиерот на следниот состанок на Економско-социјалниот совет.
Ристески рече дека синдикатот на тој начин има за цел да ја уценува Владата, со насилно задржување на членството.
„Сведоци сме како пратеници, градоначалници се префрлаат од партија во друга, за жал работниците не можат да преминат во друг синдикат. Господата од Македонските синдикати велат дека работникот го искористил правото да се брани, користел К-15. Синдикатот мора да ги заштити правата на работниците и наша заслуга е што добиваат К-15 и јубилејни награди. Сега да поставиме и шатори пред Уставен суд? Јасно е дека судството во Македонија е катастрофа“, рече Ристески.
На следниот состанок со Економско-социјалниот совет ќе се разговара и за зголемувањето на минималната плата. Ристески рече дека покачувањето на платите за 1.800 денари не е доволно. За синдикатите е прифатлива идејата на Стопанската комора на Северозападна Македонија, за минималец од 500 евра, но придонесите да останат исти, односно да не се плаќаат дополнителни придонеси за разликата од покачувањето.
„Бараме да се зголеми минималната плата, се надеваме дека ќе биде повисока од она што го бара Сојузот на синдикати на Македонија. На средбата ќе присуствува и министерката за финансии. Таа минатиот пат рече дека буџетот е во добра кондиција и се надева дека ќе најдеме заеднички јазик за зголемување на минималната плата“, изјави Ристески.
Минималната плата во Македонија сега изнесува 22.500 денари и е една од најниските во Европа.