КСС повика на усогласување на платите: Најголеми приматели на минимална плата во моментов се вработените во јавниот сектор

од Берта Китинска
213 прегледи

Повикуваме уште еднаш на разум и да седнеме да преговараме, во спротивно КСС следната недела ќе ги донесе своите одлуки како ќе постапува понатаму, мислам дека нема да биде коректно и натаму да бидеме игнорирани, изјави Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) на Македонија, која на Владата и постави рок до 15 март да ги усогласи законите со Законот за минимална плата за да може сите плати соодветно да растат.

„Бараме усогласување на платите согласно колективните договори и платите во јавниот сектор. Затоа што најголеми приматели на минимална плата во моментов се вработените во јавниот сектор. Ако има 80 илјади приматели на минимална плата, тие што земаат минимална и под минимална плата, според нашите анализи, 50 проценти односно околу 40 илјади се во јавниот сектор. Со покачувањето на минималната плата, тој процент во јавниот сектор ќе биде над 60“, рече претседателот на КСС.

Ралповски истакна дека како синдикат тие му даваат шанса на социјалниот дијалог, но и дека „часовникот истекува“.

„Во Македонија нема социјален дијалог, а ние му даваме шанса на дијалогот зашто сме синдикат и во вистинска смисла репрезент на работниците. Нашиот притисок од членството секој ден е пожесток. Од понеделник почнуваме со органите на синдикатот, се надевам дека ќе стигнеме до петок да го свикаме највисокиот орган на синдикатот – конференцијата, која одлучува за протести и генерални штрајкови. Часовникот истекува, 15 март се ближи, КСС нема да остане коректен до крај како што е сега, тоа манипулирање со нас за социјален дијалог и одложување на термините нема да помине. Ние не го бараме тоа од сега, туку веќе пет години Владата ги крши и законите и колективните договори. Време е да ставиме крај на ваквото однесување. Усогласување со колективните договори досега немало. Имаше само покачување на платите во 2019 година од 5 отсто во јавниот сектор, имаше 10 плус 10 проценти во образование и околу 20 до 30 проценти во здравството само за одредени групи. Време е да ги усогласиме платите затоа што јавниот сектор стана социјална категорија и со вакви плати не можеме да одиме ниту со реформи, ниту со дигитализација во јавниот сектор“,
истакна Ралповски.

Слични содржини