Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на седница одржана вчера одлучи да го тужи за заштита од дискриминација од јавен интерес Министерството за образование и наука (МОН) поради недостигот на учебници во основното образование.
Одлуката е донесена поради повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование.
Членот на Комисијата, Весна Бендевска, која на прес-конференција пред 2 дена најави ваква можност, посочи дека доколу донесат таква одлука, тоа би било прв случај да се побара судска заштита како највисока заштита од дискриминација.
Комисијата објави дека од вкупно 126 учебници за сите задолжни и изборни предмети во деветгодишно основно образование, на почетокот од новата учебна година, МОН не обезбедило 43, односно недостигаат 34 отсто од вкупниот број учебници.