Комисијата за спречување и заштита од дискриминација најави тужба против Министерството за образование и наука пред граѓанскиот суд поради недостигот на учебници.
Претседателката на Комисијата, Весна Бендевска, рече дека од вкупно 123 потребни учебници, на 1 септември недостигале 46, што е повеќе од една третина од учебниците во разни одделенија на разни наставни јазици.
Бендевска вели дека овие ученици немаат пристап до квалитетно образование во споредба со оние што имаат учебници, па затоа Комисијата подготвува тужба против државата, односно Министерството за образование и наука.
Покрај учебниците, Комисијата работи и на уште неколку случаи на структурна дискриминација, како што се необезбедувањето бесплатен превоз на студентите и средношколците од приватните гимназии и факултети.
Цела измината година, учениците од прво, второ, четврто и петто одделение учеа од материјали за кои самите наставници се снаоѓаа да им ги принтаат. Учебниците од новата концепција, доцнеа цела година па така во училиштата кога заврши учебната во јуни, пристигнале учебниците по македонски јазик.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири изјави во понеделникот дека почнала доставата на учебниците за шесто одделение. До крајот на неделата, како што посочи, очекува сите учебници да се достават, а доколку се јави потреба, ќе побара од економскиот оператор доставата да продолжи и за викенд.
„Денеска во делот на училиштата има достава на учебници за шесто одделение, која ќе продолжи тековно утре и до крајот на неделата. Очекувам сите учебници да се достават, но, доколку постои потреба, ќе побарам од економскиот оператор, да има достава и во сабота и недела“, рече Шаќири во изјава за медиумите по панел дискусијата „Вклучување на медиумската писменост во основното образование – искуства и предизвици“.
Во однос на учебниците во средните училишта, каде учениците се жалат дека учат од оштетени учебници, Шаќири вели дека дел од издавачките куќи кои ги имаат правото на сопственост, побарале пет дена одложување за да може да се обезбедат учебници за сите ученици.