КСЗД утврди вознемирување од Мерко врз жителите на Струга

од Nikola Popovski
38 прегледи

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, со своите постапки предизвикал продолжено вознемирување кај жителите на општината. Повод за ова е поставувањето спорна плоча на зградата на училиште изградено во 1934 година, објект кој е заштитен како културно наследство од исклучително значење.

Поставената плоча, испишана на албански јазик, ја глорифицира фашистичката окупација на Струга во 1941 година, од страна на фашистичка Италија и Кралството Албанија. Овој чин предизвика незадоволство и вознемирување кај голем број жители од различни етнички и национални заедници, кои го сметаат за навреда кон споменот на паднатите борци против фашизмот.

Во својот извештај, Комисијата нагласи дека објектот каде е поставена плочата има историско значење, бидејќи од него произлегле многу ученици, меѓу кои и борци на Народноослободителната војна од македонскиот народ и другите заедници од струшкиот регион.

Поставувањето на плочата е оценето како сквернавење на антифашистичкиот дух, кој е универзално прифатен и преминува преку етничките и националните граници.

КСЗД препорача итно отстранување на спорната плоча од страна на градоначалникот, јавно извинување за предизвиканото вознемирување и воздржување од идни дискриминаторски дејствија кои можат да поттикнат поделби во заедницата.

Со ова, Комисијата повторно истакна дека антифашистичките вредности се темел на меѓуетничката почит и заедничката историја на сите заедници во земјата.

Слични содржини