Куба започна со извоз на својата вакцина Абдaла против коронавирус

од Vladimir Zorba

Куба денеска објави дека за првпат извезла своја вакцина против коронавирусот „Абдала“, која се дава во три дози, а првичната пратка е до Виетнам во рамките на договорот за испорака на пет милиони дози на оваа земја.

Кубанските научници развиле три домашни вакцини против КОВИД-19 и чекаат да добијат официјална потврда од Светската здравствена организација (СЗО), пренесува „Ал Џезира Балканс“.

Државната фармацевтска корпорација „БиоКубаФарма“ објави информации за извозот на Твитер, откако претходно оваа недела изјави дека произвела доволно вакцини за да ја исполни целта за имунизација на повеќе од 90 проценти од локалното население до средината на ноември, објави Ројтерс.

„БиоКубаФарма“ изјави дека може да произведува 100 милиони дози вакцини „Абдала“, „Соберана-2“ и „Соберана+“ годишно, за кои неодамна соопшти дека го намалува ризикот од сериозни болести или смртност за околу 90 проценти.

Потпретседателката на „БиоКубаФарма“, Мајда Маури, рече дека откако ќе се исполнат целите за снабдување на земјата, вакцините ќе почнат да се испорачуваат во други земји, вклучително и Иран и Венецуела.

– Ние разговараме за регулаторни прашања со Аргентина и други земји во различни региони во светот – посочи таа, објавија државните медиуми.

Иран веќе произведува вакцина „Соберана-2“.

Виетнам, Аргентина и Мексико изразија надеж дека наскоро ќе произведат кубански вакцини, додека многу земји користат други кубански лекови во протоколи во третманот на КОВИД-19.

Слични содржини