Мејвис Алварез, Кубанка која беше во врска со Диего Марадона пред две децении, на прес-конференција во понеделникот раскажа како легендарниот Аргентинец ја силувал кога била тинејџерка.
Мејвис Алварез сега има 37 години, а минатата недела сведочеше пред судот во Аргентина, кој води истрага за нејзините обвиненија за силување и трговија со луѓе против неколку пријатели на Мардона. Таа имала 16 години за време на овие наводни настани.
Нејзините обвинувања се однесуваат на патувањето во Аргентина со Марадона во 2001 година, кога таа имаше 16, а тој 41. Алверез изјави дека го запознала Марадона непосредно пред тоа патување кога тој бил на Куба поради зависност од дрога. На прес-конференција во понеделникот, Алварез изјави дека Марадона ја силувал во клиниката во Хавана каде се лекувала, а нејзината мајка била во соседната соба.
„Ми ја покри устата со рака и ме силуваше. Не сакам да размислувам за тоа. Веќе не бев девојче, тој ми ја украде невиноста и ми го уништи детството“, изјави Алварез во понеделникот.
Претходно таа во јавноста ја опиша врската со Марадона како врска на која се согласила, но и претходно спомена и дека тој „барем еднаш ја силувал“. Таа секогаш тврдеше дека нејзиното семејство се согласува на оваа врска, и покрај големата разлика во години, само затоа што Марадона бил пријател со тогашниот претседател на Куба, Фидел Кастро.
„Моето семејство никогаш немаше да го дозволи тоа доколку кубанските власти не беа вклучени во сè. На различни начини ги принудуваа да го прифатат она што не е добро за нив или за мене“, рече таа.
Алверез изјави и дека се одлучила на овој чекор за да им помогне на другите жени во својата земја и додаде дека и е многу тешко што повторно е во Аргентина.
„Тешко е да се биде во оваа земја, да се види дека тој е насекаде, дека е идол за сите, а во исто време дека моето сеќавање за него е толку грдо“.
Во четврток, на 25 ноември, ќе се наврши една година од смртта на Марадона.