Кучето на американскиот претседател Џозеф Бајден, Командант, кое повеќе пати касна членови на Тајната служба, е преместено од Белата куќа на друга локација.
Вкупно 10 напади биле регистрирани од октомври 2022 година до јануари 2023 година, а на една вработена неодамна ѝ била потребна лекарска помош откако била нападната и касната од двегодишниот германски овчар, пренесува Sky News.
Елизабет Александер, портпаролката на првата дама Џил Бајден, потврди дека Командант моментално не е во комплексот на Белата куќа и додаде дека „се проценуваат следните чекори“.
Таа истакна дека семејството Бајден длабоко се грижат за безбедноста на нивниот персонал и на сите други кои ги штитат секој ден.
„Тие остануваат благодарни за трпението и поддршката на американската Тајна служба и продолжуваат да работат на решенија“, рече Александер, додавајќи дека Белата куќа може да биде „стресна средина за домашните миленици“.