Кучето на Бајден повторно нападна човек во Белата куќа

од Stefanija Kuzmanovska
261 прегледи

Кучето на американскиот претседател Џо Бајден, Мејџор, повторно гризна човек, само неколку дена откако се врати во Белата куќа од која беше „протеран“ затоа што направи сличен инцидент со член на Тајната служба.

Како што објави Си-Ен-Ен, Мејџор во вторникот гризнал член на Националната служба за паркови додека шетал по јужниот тревник на Белата куќа.

Мишел ЛаРоса, портпарол на првата дама Џил Бајден, рече дека работникот бил прегледан од лекар од Белата куќа како претпазливост и се вратил на работа без повреди.

Таа додаде дека Мејџор „сè уште се навикнува на новата средина“.

Германските овчари на Бајден, тригодишниот Мејџор и 13-годишниот Чемп, минатата недела се вратија од семејниот имот на Бајден во Делавер, каде што беа на обука откако Мејџор гризна член на Тајната служба во Белата куќа.

По тој инцидент, Бајден рече дека Мејџор е „мило куче“.

Мејџор, кој Бајден го посвои од прифатилиште за животни во ноември 2018 година, е првото посвоено куче кое престојува во Белата куќа.

Слични содржини