Ќучук: Доколку Мицкоски води кампања против внесување на Бугарите во Уставот, ќе го блокира патот на Македонија кон ЕУ

од Nikola Popovski
209 прегледи

Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук смета дека доколку опозицијата во Македонија води кампања со став против Бугарија, тоа ќе го блокира патот на нашата земја кон ЕУ. Тој порачува дека доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, води своја кампања против внесување на Бугарите во Уставот, тоа ќе доведе до блокада на нашиот европски пат.

-Процесот на преговори меѓу ЕУ и Македонија се уште не е започнат бидејќи има скрининг кој ќе одземе одредено време. Тоа го знаеме од бугарското искуство, една и пол до две години треба да се дадат оценките за овој скрининг, објасни Ќучук во интервју за бугарската „BTV“.

Тој потсети дека францускиот предлог е предлог на ЕУ прифатен со консензус од сите земји членки.

-Мораме да бараме можности како да продолжиме оттука, а несомнено ги има многу, смета европратеникот.

-На постигнатиот компромис треба да гледаме како на можност. Сега доаѓа големата тема – како да излеземе од оваа криза. Не само што треба да се оттргнеме од политичката реторика во Бугарија и во РСМ, туку треба да се бараат потребните гаранции за да не влеземе повторно во оваа ситуација во која бевме порано, потенцира тој.

Ќучук оценува дека треба да се погрижиме двата народа подобро да се запознаат.

-Постојано велам дека не се познаваат добро. Треба да се фокусираме и на проблемите на Балканот – проблемите меѓу Србија и Косово, проблемите во Босна и Херцеговина. Го знаеме регионот, изјавил бугарскиот европратеник во интервјуто.

Слични содржини