На Западен Балкан не му треба ескалација на тензиите, туку стабилност и кредибилна европска перспектива, вели бугарскиот европратеник и копретседавачот на АЛДЕ, Илхан Ќучук. Тој беше домаќин на амбасадорите од Западен Балкан во Брисел, неколку дена пред самитот ЕУ-Западен Балкан во Бардо, Словенија на 6 октомври.
Тој изрази загриженост поради зголемените тензии меѓу Србија и Косово.
„Загрижени сме поради неодамнешната ескалација на границата меѓу Косово и Србија. На Западен Балкан не им треба тензија и неизвесност, туку стабилност и кредибилна европска перспектива. За Белград и Приштина е од витално значење да покажат воздржаност и да се вклучат во конструктивен дијалог. Веќе видовме случаи на насилство овие денови и одговорност е на носителите на одлуки да избегнат понатамошна ескалација“, рече Ќучук.
За време на настанот, беше поставено прашањето за односите меѓу Бугарија и Северна Македонија и можноста за решавање на спорот што е можно поскоро. Ќучук ја коментираше ситуацијата и изрази оптимизам, иако двете земји се во предизборна ситуација.
„Очекувам Бугарија и Северна Македонија да ги намалат тензиите, да промовираат регионална стабилност и да работат заедно за конечно да се постигне сеопфатен и правно обврзувачки патоказ за нормализирање на нивните односи и започнување на преговарачкиот процес. Се уште постои можност да имаме позитивен развој до крајот на оваа година, но за оваа цел потребно е двете земји да покажат политичко лидерство и решителност “, рече копретседавачот на АЛДЕ.