„Билатералните прашања треба да се решаваат во билатерален формат, а историјата треба да биде оставена на историчарите, но важен дел од секоја преговарачка рамка се добрососедските односи и затоа е потребно е да се врати меѓусебната доверба, со цел да изградат здрави добрососедски односи меѓу Бугарија и Македонија за идните генерации“, изјави денес бугарскиот европратеник Илхан Ќучук на денешната заедничка прес-конференција со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.
Ќучук посочи дека нивната улога како политичари е да не прават ѕидови, туку да ги уриваат, а граѓаните на Македонија и на Бугарија да живеат во попросперитетен свет.
„Стратешки интерес на Македонија е да биде во ЕУ, а исто така и стратешки интерес на Бугарија е Македонија да биде дел од ЕУ, и поради тоа има потреба од разговор, чесност во односите, враќање кон Договорот од 2017, бидејќи без доверба не можат да бидат постигнати добри резултати“, потенцира Ќучук.
Посетата на известителот Ќучук се реализира во пресрет на гласањето кон нацрт – Резолуцијата за Република Македонија во Комитетот за надворешни работи во рамките на Европскиот парламент, што беше и централна тема средбата. За време на разговорот беше разговарано за европските перспективи на земјава, како и севкупните состојби со процесот на проширување на Унијата.
„Ни претстои гласањето кон нацрт-Резолуцијата за Република Македонија. Не очекуваме ништо повеќе од она што е реално, она што е јасно, видливо, и веќе неколкупати повторено: Република Македонија испорача, испорача на сите полиња и заслужува валоризација на остварениот напредок. Потребно е и Европската Унија да ја операционализира одлуката од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција”, истакна Османи.
Османи, во контекст на дијалогот со Бугарија, додаде оти земјава е подготвена да работиме за да ги отстрани сите пречки кон полноправното членство во ЕУ.
„Се одвива политички дијалог со Бугарија да не дозволиме поширок застој во билатералните односи, а во тој контекст при крај сме и со Акцискиот план“, рече министерот Османи.