Двајца од тројцата приведени за убиството на матичниот лекар Ацо Трповски добија куќен притвор, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.
-Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара. Предлогот е прифатен и бараната мерка е определена, стои во соопштението од Скопското обвинителство.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вчера информира дека е уапсено уште едно лице за убиството на матичниот лекар.
-Се продолжува со други истражни дејствија за да се утврди фактичката состојба. Ќе информираме штом имаме дополнителни и нови информации, рече министерот при посетата на СВР Струмица.
Претходно беше соопштено дека инспекторите за насилен криминал прегледале повеќе од 40 снимки од безбедносни камери, а разговарале и со повеќе од 15 луѓе во обид да го идентификуваат убиецот. Се анализирале и доказите собрани од увидот на самото место.
Неговото безживотно тело, како што информираа од Министерството за внатрешни работи и од републичкото Јавно обвинителство, го нашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.