Куќен притвор за едното, а мерки за претпазливост за другото лице вклучени во нападот врз Арсовска

од Nikola Popovski
26 прегледи

Откако денеска скопското обвинителство информираше дека двајца граѓани се гонат за насилство врз скопската градоначалничка Данела Арсовска, од Кривичниот суд информираат дека за провоосомничениот е одреден куќен притвор, а за вториот мерки на претпазливост.

-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерки за обезбедување присуство против две лица, осомничени за кривичното дело Насилство од чл. 386 ст.3 вв ст.1 од КЗ, а поврзани со вчерашниот напад на градоначалникот на Градот Скопје, донесе решенија со кои:

– С.Љ., осомничени дека вербално и физички ја нападнал оштетената му се определува мерка куќен притвор во траење од 8 дена, со оглед да се работи за скратена постапка;

– Додека на второ осомничениот, исто така со иницијали С.Љ, кој се товари дека се заканувал кон оштетената, му се определуваат мерки за претпазливост согласно чл. 146 ст.1 т. 1,2,3 и 6 од ЗКП односно: Забрана за напуштање на живеалиштето, Обврска за повремено јавување во судот, Одземање на патната исправа и Забрана за приближување и контактирање со одредени лица, информираа од Кривичниот суд.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

„Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата „Севастополска”. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да ѝ се заканува, по што и физички ја нападнал“, соопштија од Основно јавно обвинителство.

Од МВР соопштија дека полицајци ќе ја обезбедуваат Арсовска, а испратија и апел до сите јавни функционери да не ги користат социјалните медиуми како канал за известување за потенцијални закани, туку да пријавуваат до надлежните органи.

Слични содржини