Куќен притвор за Рашковски, забрането му е да комуницира со првите тројца обвинети

од Vladimir Zorba

Судот денеска му изрече мерка куќен притвор на Драги Рашковски, осуден на осум години затвор за случајот „Софтвери“. Рашковски доби и забрана да комуницира со првите тројца обвинети Ивица Димитровски, Игор Христов и Даниел Станчев.

На Димитровски, Христов и Станчев им се изречени мерки на претпазливост.

Овие мерки ќе останат во сила до правосилноста на пресудата.

Во Основниот кривичен суд денеска Драги Рашкоски беше прогласен за виновен за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ во предметот „Софтвери“ и судот му определи осум години затвор, во кои ќе му се смета и времето поминато во куќен притвор.

Драги Рашковски доби казна затвор од седум години за злоупотреба на службена положба и една година и шест месеци за делото перење пари, за што судот му одреди една единсвтена казна затвор од осум години.

Судот ги прогласи за виновни и лицата Ивица Димитровски за кое одреди казна затвор од 5 години, за Игор Христов казна од 5 години и 6 месеци, за Даниел Станчев 4 години во кои ќe биде пресметано и времето поминато во куќен притвор, за Ирена Ивановска определена е казна затвор од 3 години и 6 месеци, а за Игор Ивановски и Маја Силјаноска судот определи три години. Лицата се обвинети за „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Слични содржини