Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитриј Кулеба, нема да учествува на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија поради присуството на руска делегација, изјавил портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко.
„Украинската делегација нема да учествува на министерскиот самит на ОБСЕ на ниво на министер за надворешни работи… Руската Федерација доследно го уништува ОБСЕ злоупотребувајќи го правилото за консензус“, напишал Николенко на социјалните мрежи.
Потсетуваме, Русија претходно доби покана за учество на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ во Скопје, за што Северна Македонија донесе одлука да дозволи авионот на рускиот министер за надворешни работи да пристигне во земјата. Потоа и Бугарија го отвори својот воздушен простор за да присуствува шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Скопје, потврдија од Министерството за надворешни работи на Бугарија.
ОБСЕ соопшти дека годишниот состанок на министрите за надворешни работи на 57-те земји членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ќе се одржи од 30 ноември до 1 декември 2023 година во Скопје. Во соопштението на организацијата се појаснува дека оваа годишна средба ќе се одржи на покана на претседавачот со ОБСЕ, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.