Кулеба: Северна Кореја е поефикасен партнер за Русија отколку Западот за Украина

од Vladimir Zorba
504 прегледи

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба денеска изјави дека одбранбената индустрија на западните земји не е во состојба да произведе доволно количество артилериска муниција што му е потребна на Киев, додавајќи дека Северна Кореја е поефикасен партнер за Русија отколку Западот за Украина.

„Сите војници и офицери наведуваат дека Русија е супериорна во однос на количината на артилериска муниција на располагање, меѓу другото и затоа што добива помош од Северна Кореја. Колку и да звучи смешно, се чини дека Северна Кореја е поефикасен партнер на Русија од пријателите кои нe снабдуваат артилериска муниција за Украина. Тоа е смешно. И тоа мора да се промени“, изјави Кулеба во интервју за германски „Велт“.

Тој изјави дека ЕУ, НАТО и поединечни влади се за зголемување на производството на оружје, но, како што вели, кога треба да се донесат конкретни одлуки, западните земји „се дават во бескрајни дискусии“.

„Проблемот е што немаме време за тоа. Мора да пливаме“, изјави шефот на украинската дипломатија.

Тој рече дека верува во украинските вооружени сили, но посочи дека проблемот е што одбраната на фронтот без доволно артилериска муниција ќе донесе многу повеќе жртви.

„Затоа бараме, молиме и инсистираме да се зголеми производството за да се достави повеќе артилериска муниција на фронтот“, рече Кулеба.

Според него, најдобар начин да се обезбеди безбедноста на Германија и на другите европски земји е да и се обезбеди на Украина сè што и е потребно за да победи и да ги ослободи окупираните територии.

„Русија ќе нападне земја на НАТО. Не знам дали веднаш ќе биде Германија, но сигурен сум дека ако Русија победи во Украина, што ние нема да го дозволиме, следниот чекор е против НАТО. А штом ќе биде нападната членка на НАТО, на Германија ќе и биде многу тешко да остане надвор од конфликтот“, рече Кулеба.

Слични содржини