Кулибали ја прифати понудата на Челси, потпишува за неколку часа

од Vladimir Zorba
221 прегледи

Челси конечно ќе ја засили одбраната откако се раздели со Антонио Рудигер и Андреас Кристенсен. „Сините“ од Лондон се договорија со Наполи за привлекување на Калиду Кулибали. Неколку извори од Италија објавија дека двата клуба постигнале договор, а самиот играч ги прифатил личните услови кои му биле понудени и зделката може да биде финализирана веќе денеска.

Наполи за репрезентативецот на Сенегал ќе добие 38 милиони евра, како и уште 2 милиони во вид на бонуси. Според „Скај Спорт Италија“ Кулибали ќе потпише договор на 5 години и ќе заработува 10 милиони евра по сезона. „Спортиталија“ напиша дека цврстата плата на дефанзивецот ќе биде 8 милиони евра, но тој може да заслужи уште 1 милион доколку се претстави добро. Изданието наведува дека Кулибали ќе потпише со Челси на три години, со опција за четврта.

Сенегалецот синоќа требаше да се појави во кампот на Наполи во Димаро, но наместо тоа остана во Милано каде неговиот агент преговара со Челси. На францускиот новинар Ромен Коле-Годен, Кулибали му ги потврдил разговорите со „сините“ од Лондон, велејќи дека работите одат во добра насока.

„Би сакал Калиду да биде со нас, особено што тој е избран за капитен во новата сезона. Ако реши да замине, треба само да му се заблагодариме за се што направи за Наполи и да му посакаме добро. Тој го заслужува тоа“, коментираше тренерот на тимот Лучано Спалети во разговор со навивачите.

Сепак, приврзаниците се бесни на претседателот Аурелио Де Лаурентис, кој им дозволи на Лоренцо Инсиње и Давид Оспина да си заминат како слободни играчи, а Дрис Мертенс најверојатно ќе го следи примерот. Кулибали веќе одби да ја преполови платата, а не му одговара ниту подобрената понуда од 6 милиони евра по сезона, бидејќи во Челси ќе добива значително повеќе.

Актуелниот договор на Сенегалецот е до 2023 година, а за него е заинтересиран и Јувентус, но ниту тој ниту Наполи не се склони кон таква опција поради непријателството меѓу двата клуба.

Слични содржини