Кулибали по контроверзната изјава на Де Лаурентис: Тоа е само негов став, навивачите и Неапол не мислат така

од Nikola Popovski
220 прегледи

Поранешниот стопер на Наполи, а од ова лето и нова аквизиција на Челзи, Калиду Кулибали, е разочаран од изјавите на контроверзниот сопственик на Наполи, Аурелио Де Лаурентис дека повеќе нема да носи африкански фудбалери и дека му е преку глава да плаќа нив, додека играат за своите репрезентации во Африканскиот куп на нации.

„Нема да носиме повеќе африкански фудбалери доколку не се повлечат од Африканскиот куп на нации. Ние ги плаќаме, а тие играат за други“, изјави Де Лаурентис за Волстрит Италија. Кулибали веднаш му одговори на својот поранешен работодавец.

„Тоа е негово мислење. Најважно ми е да ги почитувам сите. Кога бев во Наполи играв и за Сенегал. Го освоив Африканскиот куп на нации кога бев таму. Во ред, се согласувам дека Наполи беше во неволја кога отидовме на Купот на нации, но го освоивме и среќен сум поради тоа. Не се важни само клубовите, мора да ги почитуваме и репрезентациите. Не може некој вака да зборува за африканските репрезентации“, рече Кулибали и продолжи:

„Треба да имате почит исто како и другите репрезентации. Како капитен на Сенегал мислам дека не може така да се зборува за африканскиот фудбал, но го почитувам тоа што тој го мисли. Ако мисли дека неговиот тим може да игра без африкански играчи, тоа е на него. За среќа, не сите во клубот имаат иста идеја како него. Ги познавам сите таму, ги знам навивачите и навивачите не размислуваат така. Тоа е негов став, а не мислење на градот и навивачите. Во Неапол нѐ почитуваат“, категоричен е Кулибали.

Слични содржини