Калиду Кулибали го даде своето прво интервју како играч на Челси. Сенегалскиот дефанзивец разговараше за официјалната веб-страница на „сините“ од Лондон неколку дена откако стана факт неговиот трансфер вреден 40 милиони евра од Наполи.
„Многу сум среќен што веќе сум со тимот. Бев во Лондон пред неколку дена за да ги разработам сите потребни детали околу трансферот, но сега размислувам само за фудбалот. Им благодарам на сите што ми помогнаа да бидам играч на Челси. Момците одлично ме примија и се чувствувам како дома“, изјави Кулибали.
„Доаѓањето во Челси беше важна одлука. Разговарав многу со мојот агент и моето семејство. Сакам да се испробам во најсилното првенство на светот и среќен сум што ќе ја имам оваа шанса“, изјави 31-годишниот дефанзивец.
„Поминав 8 години во Наполи. Таму сите ме знаат, бев среќен што живеам во градот. Сепак, време беше за нов предизвик и кога ме повика Челси, не се двоумев. Имаше можност да се приклучам на клубот уште во 2016 година, но тоа се случи сега“, откри Сенегалецот.
„Одлично е да се видат познати лица како Жоржињо и Едуард Менди. Цело време разговарам со нив. Жорж ми пиша и ме праша дали сакам да одам во Челси. Тогаш се уште не знаев дали интересот за мене е сериозен, но одговорив дека со задоволство ќе се приклучам на тимот. Така беше и со Еду, на кого му кажав дека се е средено и наскоро ќе се видиме“, призна Кулибали.
„Се чини дека тимот е одличен спој на млади таленти и играчи со поголемо искуство“, додаде дефанзивецот, кој за Наполи одигра вкупно 316 натпревари и со „небесно-сините“ го освои Купот и Суперкупот на Италија.