Сè поголемиот број на натпревари во фудбалот го загрижува селекторот на Холандија, Роналд Куман.
„Не се работи секогаш за спорт. Тие ги убиваат фудбалерите“, изјави 61-годишниот стручњак за германскиот весник „Билд“ пред почетокот на Евро 2024 година.
Куман мисли на проширување на Лигата на шампионите следната сезона од 32 на 36 екипи со уште повеќе групни натпревари, како и зголемување на бројот на учесници на Светското првенство од 32 на 48 екипи во 2026 година.
„Или клубовите патуваат во Азија и Америка за да се подготват за сезоната. Тоа е проблем. Наместо да се намалува притисокот врз играчите, тој станува се поголем и поголем“, рече Роналд Куман.
Следната година треба да се одржи и проширено Светско клупско првенство.
Роналд Куман веќе мораше да се справи со изоставувањето на Френки де Јонг, Теун Купмајнерс, Матс Вифер, Мартен де Рун и Квинтен Тимбер од составот што го избра за настап на Европското фудбалско првенство.
Селекцијата на Холандија во недела ќе започне со натпревар против Полска во Хамбург. Останатите репрезентации во групата Д се Франција и Австрија.