Спорниот момент од синоќешниот дуел меѓу Холандија и Франција, поништениот гол на Чави Симонс беше главна тема во изјавите на главните актери по натпреварот.
Францускиот селектор очекувано застана во одбрана на англиските судии тврдејќи дека голот е оправданo поништен.
– Немаше гол. Тоа е чист офсајд, тоа е правило, ако некој играч го попречува голманот, дури и неговиот поглед на движењето на топката, тоа е офсајд. Од она што го видов, нема сомнеж дека беше офсајд – изјавил Дидие Дешамп.
Од друга страна, неговиот колега од спротивната страна Роналд Куман имаше поинакво толкување на фудбалските правила.
– Позицијата на Дамфрис е офсајд, но тој воопшто не му пречи на голманот. Кога е така, голот треба да се признае. На крајот на краиштата, сè беше очигледно. Зошто им требаа пет минути да го поништат голот, навистина не ми е јасно – разочаран рекол холандскиот селектор.
Натпреварот заврши 0-0, со што двете репрезентации имаат по четири бодови во пресрет на последниот натпревар од групата.