
– Општина Куманово ќе одвои 26,8 милиони денари за развој на социјалната заштита за тековната година, информираа денеска надлежните од Секторот за социјална заштита од општината.
За социјалните парични давања предвидени се 23,7 милиони денари, од кои 22,4 милиони денари се наменети за продолжување на проектот субвенционирање на комуналните давачки за вода и ѓубре на социјално ризични категории граѓани како и покривање трошоци за јавниот градски превоз за стечајците. 800.000 денари од програмата се наменети за доделување еднократна парична помош, а 500.000 денари се одвојуваат за новиот проект доделување садници за семејствата на новороденчињата од Куманово.
– За социјални услуги одвоени се 3,1 милиони денари од кои 180.000 денари за реализација на проектот „Инклузија на децата Роми“ во јавната општинска установа „Ангел Шајче“ Куманово, 1,5 милиони денари за обезбедување како одржливост на дневниот центар „Порака наша“ која врши вонинституцијална услуга за заштита на лица над 18 години. 400.000 се предвидени за обезбедување на одржливост на трајност и континуираност на проектните услуги кои се даваат на деца со интелектуална попреченост кои се корисници на двата дневни центри во рамки на програмата општинско корисна работа која пет години наназад општината успешно ја реализира со аплицирање изготвување со свои проекти, изјави раководителот на секторот Фросина Трајковска .
Половина милион денари се предвидени за реализација на локалниот акциски план на општината во областа вработување, домување, образование, здравство и за жеите ромка етничка заедница и 540.000 денари за унапредување на формата привремено и дневно згрижување, како петпроцентно учество на општината за отворање сервис за стари лица во домашни услови, изградба на мал групен дом и за отворање на дневен центар за деца со аутизам. Министерството за труд и социјална политика има отворен повик следува и јавен повик за аплицирање за овој тип на социјални услуги. Програмата за социјална заштита на општината опфаќа три стратегии, од кои едната за децентрализација, плурализација и деинстуционализација, стратегија за развој и јакнење на социјалната превенција и третата се однесува на вонинституционални услуги за социјална заштита.