Денеска се потврдени 6 случаи (4 во Јавно здравство и 2 во Жан Митрев клиник) позитивни на делта варијантата на SARS-CoV-2, објави попладнево д-р Горан Кунгуловски од лабораторијата во приватната болница Жан Митрев.
Според него, голем број на студии досега укажуваат дека овој сој на SARS-CoV-2 се пренесува побрзо од алфа сојот (барем 50%), а претходно алфа сојот се пренесуваше барем 50% побрзо од D614G сојот кој пак се пренесуваше за 20-30% побрзо од изворниот Wuhan-ски сој.
„Има големи шанси делта да стане доминантен сој во светот, Европа, па и Македонија во наредниве неколку месеци. А тешки месеци ќе бидат, посебно за невакцинираните и непрележаните“, предупредува Кунгуловски и додава како можеме да ги направиме овие неколку месеци полесни во поглед на пандемијата.
„Вакцините сеуште ја добиваат битката и со новите соеви. На голем дел од нив им се намалува ефикасноста, но истата е доволна за да се неутрализира и сузбива пандемијата. Вакцинацијата ни е најсилната алатка во борбата.
Вирусот еволуира со тоа што се дели во својот домаќин. За да престане да еволуира и да прераснува во нови форми (за коишто можеби тековните вакцини нема да може да помогнат), треба да престане да се дели – а за да престане да се дели треба да престане да скока од еден домаќин (човек) на друг. За да престане, треба да се стесни ланецот на трансмиција. Тоа се прави со вакцинирање и следење на рестриктивни мерки (на сите ни е преку глава од истите, ама мораме).
Откако ќе се вакцинира голем дел на населението (се надевам), а и многу порано ќе треба да се спрема стратегија за вакцинирање со booster доза (но моментално тоа е секундарно).
Луѓето да се вакцинираат, одговорните прво да набават доволно високо ефективни вакцини и второ да спремаат стратегија за вакцинација со booster дози“, стои во објавата на Фејсбук на Кунгуловски.