КОВИД пандемијата го начека целиот свет неспремен и до пред 9 месеци сите бевме во скоро безизлезна ситуација. Тоа е реалноста. Вирусот беше високо заразен на почетокот, сега стана уште неколку пати позаразен. Тоа е реалноста. Смртноста е под 0.1% кај млади и како се зголемува старосната граница така се зголемува и смртноста до 15-20%. Значи во најдобар случај, ако не вашиот, тогаш родителот или дедото/бабата на некој што го знаете ќе почине, вели Доктор Горан Кунгуловски, коосновач на Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“ на својот Фејсбук профил.
„Кога ќе се земе заразноста и бројката на инфицирани предвид, тоа се преведува во многу голем број на смртни случаи и целосна блокада на здравствениот систем. Со тоа и умирање или влошување на хронично болните што не се заразени. Што и го гледаме. Тоа е реалноста. За ова повеќе да не биде реалност и да не биде безизлезна ситуација, целиот научен свет како никогаш досега се сплоти и за рекордно време со многу пари и претходни знаења од SARS-CoV-1 и MERS и другите сезонски коронавируси направи ВИСОКО ЕФЕКТИВНИ (не се перфектни бидејќи ниедна вакцина не е) вакцини. Тие вакцини драстично (10-30 пати) го намалуваат ризикот за смрт и хоспитализација. Значи ризикот за смрт на стар човек го прават сличен како ризикот за смрт на млад човек. Многу родители, дедовци и баби, СПАСЕНИ“, истакнува тој.