Куновска: Луѓето кои подготвуваа „голем бунт“ во СДСМ не можат да бидат носители на драматичен пресврт каков што ѝ е потребен на партијата

„Најмалку политички настан туку театар на апсурдот во кој сцената е полна, а смислата отсутна“, вели Куновска за Конгресот на СДСМ

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Телма

Поранешната функционерка од редовите на СДСМ, Софија Куновска оценува дека завчерашниот Конгрес на нејзината поранешна партија наликуваше најмалку на политички настан. Според неа, како што вели, тоа беше изведба на една одамна напишана, слабо режирана и безброј пати репризирана претстава.

-Театар на апсурдот во кој сцената е полна, а смислата отсутна. Првиот чин започна со монологот на „главниот лик“. Наместо автентичен политички говор добивме хибридна конструкција, склопена од алгоритам и носталгија. Комбинација од вештачка интелигенција и механички пресликан говор на Бранко Црвенковски од 8 октомври 2009 година, од Универзалната сала, кога одекна прочуеното „Или си СДСМ или не си“. Денес, таа реплика беше изговорена како лошо синхронизиран “дубл“ без страст, без уверување, како дигитално ехо од една одамна одиграна претстава, посочува, меѓу другото, Куновска.

Поранешната пратеничка нагласува дека Конгресот не беше катарза, туку уште една реприза на истата агонија.

„Наместо крај на поделбите овој Конгрес на СДСМ го трасира нивното официјализирање. Наместо пресврт на една некогаш моќна политичка сила, овој највисок орган ќе послужи за да се одржи и натаму политичкиот стечај.

Во очи на Конгресот кружеше и мит за некаков „голем бунт“, се подгреваше легенда за некакви митски авторитети кои наводно, ќе ја превземеле сцената. Само за потсетување тоа се оние исти ликови кои со години се гоштеваа и се напиваа од Муртинскиот бунар, луѓе кои никако не можат да бидат носители на драматичен пресврт, таков каков што навистина му е потребен на СДСМ.

Најтрагичната улога, сепак, им припаѓа на искрените, чесни и добронамерни членови на партијата. Тие се заложници на сценарио во кое СДСМ мора да остане политички анестезиран сè додека во заднината не се одигра најважниот чин, измените на Кривичниот законик, скроени во Муртино кои треба да обезбедат сигурна застареност за потенцијалните кривични прогони на клучни поранешни функционери.

И да не се залажуваме, оваа претстава не е во продукција само на СДСМ. За реализацијата на ова сценарио, путер на главата имаат и одредени структури на ВМРО ДПМНЕ кои седејќи мирно во режисерската столица, даваат тивка поддршка од сенка“, објави, меѓу другото, Куновска.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче е задоволен од партискиот Конгрес. Вели бил успешен, со конструктивна расправа, изгласана е доверба на сите партиски тела, заменик-претседател на партијата, централен и извршниот одбор.

На Конгресот се дискутирало и за членовите на партијата, поранешни функционери кои отворено го критикуваат Филипче и начинот на кој ја води партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Венко Филипче имал празен говор за отчет пред Конгресот. А за нив немало подобро решение од него, туку проблем е што тој е штетен за Македонија и нејзините интереси. Велат дека во обраќањето на партискиот конгрес, Филипче не објаснил зошто СДСМ е петта партија во Скопје, трета во Македонија.