Купувањето стан во Скопје претставува финансиски предизвик за младите – животот под кирија е новата реалност за нив

„Локално“ се обрати до познтатата агенција за недвижности Дом Дизајн и поразговаравме колкав е интересот на купување и изнајмување на станови, и како влијае цената на имотот

од Весна Петровска
563 прегледи

Многу млади го почнуваат животот самостојно, но не во свој стан, туку под кирија. Купувањето стан е финансиски недостижно, а пазарот на изнајмување станува сè понемилосрден. Кирии кои порано изнесуваа 150 евра, денес се ближат од 300 евра, a додека државата не нуди конкретни решенија, агенциите за недвижности сведочат дека побарувачката за кирија е во постојан пораст.

„Локално“ се обрати до познтатата агенција за недвижности „Дом  Дизајн“ и поразговаравме колкав е интересот на купување и изнајмување на станови, и како влијае цената на имотот.

-Промена во цените има огромна, како за купување така и за изнајмување. Додека пред 10 години цена за изнајмување на стан се движеше и од 100 евра месечна кирија моментално за нив можеме да кажеме и дека воопшто не постојат. Најмногу во цената влијае локацијата, квадратурата, како и тоа во каква состојба е станот, дали е наместен или празен, велат од „Дом Дизајн“.

Додаваат дека младите почесто се определуваат за изнајмување бидејќи не секој може да купи стан.

– Купувањето на стан во Скопје моментално претставува финансиски предизвик за младите, со што тие се одлучуваат на чекор за изнајмување на станови бидејќи тоа е пофлексибилно, поевтино и имаат помал ризик отколку купување во сегашните услови, велат од агенцијата.

Откриваат дека цените за разлика од минатите години е поголема и во кириите и во цената на m2 на становите.

-Моментално просечната цена за изнајмување на еднособен стан во централните градски општини (Центар, Аеродром, Карпош) изнесува од 300 евра па нагоре, гарсоњера изнесува од 250-300 евра но можеби и пониско во зависност, додека пак двособни станови од 400 евра па нагоре. Додека пак цената за купување стан во Скопје по m2 изнесува од 1800 евра до 2700 евра, велат од агенцијата.

На Балканот се почесто младите знаат да заминат од дома и да водат самечки живот, па прашавме дали таков тренд има и кај нас.

– Во однос на трендот за живеење како единец или пар не бележи голем пораст, односно има се повеќе лица кои одлучуваат поради финансиска состојба и поради практичност да останат со своите родители. Лицата пак кои одлучуваат на таков чекор, тоа се најчесто лица кои ќе изнајмат стан, истакнуваат од Агенцијата.

Продолжува растот на цените, Центар и Карпош најскпаи

Продолжува трендот на раст на цената на становите во Македонија, кој започна во 2022 година.

Последните податоци на Народната банка покажуваат дека цената на становите во вториот квартал од годинава пораснала за 22,3%.

Податоците пак на платформата „Цена Квадрат“, покажуваат дека просечната цена на стан во Скопје е 1.828 евра за метар квадратен.

Скопје и понатаму останува местото каде метар квадратен се продава најскапо во земјава. Најскапи се цените на становите во Центар, каде просечната цена е 2.130 евра за метар квадратен и Карпош, каде просечната цена е 2.100 евра за метар квадратен.

Банкарскиот сектор нуди решенија

Многу банки во Македонија нудат услови за станбени кредити, особено за оние кои се редовни приматели на плата.

Каматните стапки на овие кредити во зависност од банките се од 3, 3 ,45% за првите 5 години, или 3,90% за првите 10 години. За кредитите од 10 години не се бараат жиранти или ко-кредитобаратели, а за тие до 30 години мора да имате жирант или кредит со обезбедување хипотека на идна недвижност (хипотека на идна градба).

 

В.П.