Во битката против Курдите Ердоган познава само едно средство: насилството. Честите терористички напади во земјата, сепак, покажуваат дека турската држава е послаба отколку што ја презентира Ердоган, пишува ФАЦ.
По трет пат во рамките на само неколку месеци Анкара стана предмет на терористички напад. Ова покажува дека во оперативна смисла турската држава не е толку силна како што ја претставува претседателот Ердоган.
Фактот дека терористите на неколку пати веќе успеваат да нанесат удари во главниот град Анкара, значи дека турските сили за безбедност имаат сериозни дефицити. Тие би требало добро да го познаваат противникот, како и условите на средината. Ердоган сепак секогаш се обложува на ескалацијата – без разлика дали решава внатрешнополитички или меѓународен проблем. А оваа стратегија почнува да излегува премногу скапа на земјата.
Бегалски маршути преку Јадранот отворен план на Европа
Иако првично никој не ја презеде одговорноста за последниот напад, турската влада побрза да ја обвини Курдската работничка партија / ПКК / и да реагира со воена сила. И тука Ердоган остана верен на својата линија: целта му е да ги задави уште во повој аспирациите на Курдите за независна држава – аспирации кои беа засилени од распадот на Ирак и војната во Сирија. Ердоган сепак постигна да ја внесе земјата во тежок внатрешен раскол, кој нема да може да биде прекинат само така.
Како “исчезна” курдското прашање
Не е случајно дека ПКК е забранета во Европа. Секоја земја во светот има право и обврска да се бори против тероризмот. Само што начинот на кој Турција фо прави тоа, најверојатно ќе го раздвои турското општество уште повеќе. Тоа е трагично, бидејќи само до пред неколку години решавањето на курдскиот конфликт во Турција изгледаше речиси сигурно.
Во Европа се почесто се слуша прекорување дека ЕУ му остава на Ердоган слобода на акција против Курдите, бидејќи има потреба од неговата помош во бегалската криза. Делумно тоа е и точно. Во минатото Берлин протестираше доста остро против политиката на Анкара во однос на Курдите. Но бегалската криза ја промени Европа не само внатрешно, туку и во надворешните нејзини односи.
Поминаа времињата кога ЕУ можеше да се кити со славата на морална сила. Сегашните околности ги принудуваат испокараните Европејци да го менуваат курсот на својата политика, а од тоа извлекуваат полза и некои автократи. Не е случајно што се курдското прашање едно време се занимаваа толку многу политичари во Европа, а денес не игра никаква улога во преговорите помеѓу ЕУ и Турција.

