Курт: Има пријавено авиокомпании кои се заинтересирани за нови дестинации

од Nikola Popovski
20 прегледи

Новиот модел на субвенционирање на авио летови преку субвенционирање на авиокомпаниите ќе има огромен ефект за зголемување на бројот на авиокомпании, но и на дестинации од македонските аеродроми, смета директорот на ТАВ Македонија Неџат Курт.

Според него, ТАВ Македонија изготвува мастер план за развој на аеродромите во Скопје и во Охрид во наредните 20-30 години што треба да даде насоки во кој правец и како ќе се развиваат овие два важни објекта и нивната околина.

Потсети дека, во 2008/2009 година тие беа првиот аеродромски оператор кој влезе во овој регион на Југоисточна Европа со концесиски договор, а денес, очигледно е дека работите се сменија. Има неколку меѓународни аеродромски оператори во околните земји – Србија, Косово, Бугарија, Грција.

Тој нагласи дека пред да биде финализиран јавниот повик претставниците на ТАВ имале редовни состаноци со Комисијата од Министерството за транспорт и врски.

-Има пријавено авиокомпании кои се заинтересирани за дестинации кои претходно беа оперирани од  аеродромите, но и за нови. Не би сакал да ги отривам имињата зошто сега се заинтересирани, вие можеби ќе објавите вест, а после можеби повеќе нема да бидат заинтересирани.

Ние постојано градиме односи и преговараме со авиокомпаниите со министри, со амбасадори, особено со министрите за надворешни работи кога доаѓаат за отворање на некоја авиолинија која е барана.

Имаме и наша програма за субвенции на авиокомпании, но сепак на крајот одлуката за тоа дали ќе се воведе некоја дестинација или не или, пак, дали некоја авиокомпанија ќе почне да оперира од аеродромите останува на самите авиокомпании ко ја носат финалната одлука. Се надевам дека ќе биде подобро. Ќе видиме каков ќе биде ефектот од субвенциите од Владата и како сето тоа ќе се проследи и ќе продолжи понатаму, рече Курт.

Инаку, ТАВ Аеродроми на македонскиот пазар, на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид вработува над 1.000 луѓе. Од нив 90 отсто се вработени во ТАВ Македонија, а останатите се во сестринските фирми – ТАВ Технолоџис (ИКТ технологии), ТАВ МОС (комерцијални услуги), БТА (храна и пијалаци), АТУ дјути фри (бесцаринската продавница).

Слични содржини