Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово, претставен од западните дипломати, веднаш ќе биде проверен од Уставниот суд за да се оцени неговата уставност доколку договорот биде потпишан во Брисел.
Курти на денешната прес-конференција изјави дека тоа му го кажале и самите западни дипломати, кои минатата сабота беа во посета на Косово и Србија за да го претстават нивниот нацрт-статут, со кој се настојува да се деблокираат преговорите меѓу Косово и Србија.
Според Курти, американско-европските емисари рекле дека нацртот на Асоцијацијата е напишан со внимателно водење сметка за структурата на Уставот на Косово.
„На 21 октомври ни беше кажано од американско-европските емисари дека нацртот за самоуправување е напишан внимателно според словото и структурата на Уставот и законите на Република Косово и дека доколку се потпише, било предвидено тоа веднаш да го провери Уставниот суд, за тој да ја даде својата оцена за уставноста на овој предлог“, рече Курти.
Шефот на косовската влада изјави дека Србија повторно одбила да го потпише договорот, вклучително и нацртот за заедницата.
Тој го обвини Белград за поттикнување насилство и дека стои зад терористичкиот напад на 24 септември во Бањска кај Звечане и информира дека на вчерашната средба со европските лидери во Брисел побарал казна за Србија, „бидејќи неказнувањето станува охрабрување за повторување на злосторството“.
Курти рече и дека побарал екстрадиција на терористите од Србија, со цел тие во Косово да се соочат со правдата.