Косовскиот премиер Албин Курти следната недела доаѓа во државава, но не на официјална средба со неговиот македонски колега Димитар Ковачевски или со претседателот Стево Пендаровски. Курти петок ќе им биде гостин на градоначалниците на Тетово и Чаир, Биљал Касами и Висар Ганиу.
Курти прво ќе го посети Касами во Тетово. Предвиден е разговор во општината, по што Касами и Курти ќе го посетат селото Вејце, каде, според најавите, ќе ја промовираат идејата за поврзување на Тетово и Призрен со регионален пат.
Потоа, на централниот плоштад Илирија ќе се одржи културно забавна манифестација посветена на доаѓањето на косовскиот премиер во Тетово.
Според најавите, во Чаир косовскиот премиер е предвидено да се сретне со градоначалникот Висар Ганиу, но и со Изет Меџити, основач на новата политичка партија „Демократско движење“.
Со Ганиу ќе ја отворат улицата која го носи името на албански патриот и деец Адем Демачи.
Курти во месец април годинава веќе беше во ненадејна посета на земјава, при што исто така оствари средба со Касами.