Косовскиот премиер Албин Курти во неделата оцени дека казнените мерки на Европската унија против Приштина се „неправедни“ и дека „Косово ќе си ја заврши работата“, но со предупредување дека „не може да има компромис со владеењето на правото или уставноста на земјата“.
Тој смета дека мерките на ЕУ се неправедни бидејќи „Косово и неговата влада се најдемократска, најпроевропска и најнапредна земја“.
Курти истакна дека тоа не се санкции, туку „привремени мерки“, за кои се надева дека ќе траат што е можно пократко, бидејќи „на Косово му е потребна поддршка во развојот“, пренесува „Репортери“.
„Во секој случај, ние си ја работиме работата, но да не заборавиме дека не можеме да правиме компромиси ниту со владеењето на правото, ниту со уставноста на нашата земја, затоа ќе продолжиме да ја спроведуваме програмата на Владата“, кажал Курти.
Европската комисија за преземените мерки
ЕК го информираше Косово за мерките што ги презеде поради непочитување на барањата на ЕУ во однос на неопходните чекори за деескалација на северот на Косово.
Од ЕУ потврдиле дека мерките за кои Косово било информирано на 28 јуни, опфаќаат и привремен прекин на работата на работните тела во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Косово, исто така, нема да биде покането на состаноци на високо ниво, а посетите на странски претставници ќе бидат суспендирани, а исто така ќе биде суспендирано од програмата од 7,5 милијарди евра финансирана од ЕУ.