Премиерот на Косово во технички мандат, Аљбин Курти, го изрази своето задоволство од победите на коалицијата ВЛЕН на локалните избори, оценувајќи дека тие се резултат на волјата за промени кај Албанците, но и голема шанса за реформи во Македонија.
„Од Чаир до Тетово, ВЛЕН успеа да победи во девет општини во Северна Македонија. Моите двајца пријатели, Изет и Биљал, заслужено победија благодарение на конкретни проекти и чесна работа. Едниот во првиот круг, другиот две недели подоцна, но и двата убедливо триумфираа. Успехот на локалните избори е потврда за доброто управување од страна на ВЛЕН, волјата за промени кај Албанците и голема шанса за реформи во Северна Македонија“, напиша Курти на Фејсбук.
Според него, во текот на 15-те месеци владеење на ВЛЕН во владата предводена од Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, со која е во коалиција, Косово и Македонија ги продлабочија меѓусебните односи.
„Во првите 15 месеци на власт, ВЛЕН управуваше со чисти раце, без корупција и скандали, правејќи етичка разлика во споредба со претходните влади. Токму овој дух на промени донесе отворена и повеќедимензионална соработка меѓу Косово и Северна Македонија. Од смислената средба на нашите две влади до заедничкото управување со границата, Косово и Северна Македонија, како никогаш досега, ги продлабочија добрососедските односи. Владата на Косово ги поздравува демократските настани во Северна Македонија, како доказ за европската перспектива на нашиот партнер и сојузник“, додава Курти.
На 2 ноември, граѓаните гласаа во вториот круг од изборите за градоначалник во 33 општини, вклучувајќи го и главниот град Скопјe.