Косовскиот премиер Албин Курти ја оцени како наивна и бескорисна реакцијата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен за ситуацијата на северот на Косово.
Во изјава за Гардијан, како што пренесува „Коха.нет“, Курти го изразил своето незадоволство од изјавата на Блинкен, кој оценил дека одлуката за употреба на сила за влез во општинските згради на северот е донесена „против советите“ на САД и европските партнери и дека „тензиите ескалираа на непотребен начин“.
Курти изјавата на Блинкен ја нарече „омекнување“ кон српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Мислам дека тоа не само што е неправедно, погрешно и штетно, туку во исто време е и многу наивно. Можеби секретарот Блинкен ќе го објасни ова дополнително еден ден, но дефинитивно не беше корисно“, рекол Курти.
Потенцирал дека подоцна разговарал со американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и дека Ескобар побарал од косовските власти да ги преместат градоначалниците во други објекти или да работат од дома, што Курти го одбил.
„Не можеме да имаме виртуелен градоначалник, ние сме демократска република. Демократската република не може да се предаде на фашистичка милиција“, додал тој.
Курти изјавил и дека е „среќа“ што вчера ниту еден припадник на КФОР не го загубил животот.
Повеќе од 30 мировници на НАТО беа повредени во судирите во понеделникот, поради што воената алијанса објави дека ќе испрати уште 700 војници на Косово.
Насилството на северот започна во петокот, кога албанските градоначалници на општините со српско мнозинство влегоа во општинските згради со помош на полициските сили.