Косовскиот премиер Албин Курти денеска ја посетил амбасадата на Косово во Скопје во пресрет на официјалната средба со неговиот македонски колега, Христијан Мицкоски.
При посетата, на Курти му се придружиле и потпретседателката на Владата на Косово и министерка за надворешни работи, Доника Гервала, министерката за правда Аљбуљена Хаџиу и министерката за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, Љибурн Аљију.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски веќе го пречека и прими Курти пред зградата на Владата.
Од македонската владина прес-служба соопштија дека во рамки на посетата е предвидена средба меѓу двајцата премиери, по што ќе следи билатерална средба на која ќе присуствуваат владини делегации од двете страни.
Мицкоски и Курти денеска треба да одржат и заедничка прес-конференција во владиниот медиумски центар.
Се очекува на средбите да се разговара и за инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром.