Косовскиот премиер Албин Курти изјавил нема несогласувања меѓу Косово и С. Македонија, пред почетокот на меѓувладината седница во Приштина.
„Република Косово и Република Северна Македонија немаат несогласувања, имаме отворена комуникација и обемна соработка. Ние сме соседи, пријатели и партнери поврзани не само преку трговијата, туку и преку врските меѓу нашите семејства и бизниси кои се посилни и посилни“, рекол меѓу другото Курти, пренесуваат косовските медиуми.
Косовскиот премиер истакнал дека денешната средба има симболично значење бидејќи се совпаѓа со 15-годишнината од воспоставувањето на нашите дипломатски односи.
„Во текот на овие години потпишавме над 50 договори и меморандуми кои не зближија еден до друг. Денеска ќе потпишеме уште два меморандуми и протокол во важни области како што се енергетиката, образованието и олеснувањето на слободното движење“, додал Курти.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ја повика Владата на Косово да разговара со премиерот Мицкоски, како што изјави за косовска телевизија, за проблемите на Албанците во државата. Ахмети изрази загриженост за непочитување на Охридскиот договор, по иницијативите за укинување на некои одредби од Законот за употреба на јазиците.
Денеска во Приштина заедничка седница ќе одржат владите на Македонија и на Косово. Претходно премиерите Мицкоски и Курти ќе одржат тет-а-тет средба, по која министрите ќе дискутираат за нови проекти и ќе потпишат билатерални договори и меморандуми за соработка.