Се уште имаме проблеми со Србија, Косово не е проблем. Проблемот е Србија, особено претседателот на таа земја кој размислува и зборува како во 90-тите години на минатиот век, граничните премини Јариње и Брњак се во криза не поради Србите, туку поради претседателот на Србија, рече косовскиот премиер Албин Курти синоќа во интервју за Хрватската радио -телевизија.
Според него, повеќе од 11.000 возила од Србија без никакви проблеми ги зеле привремените таблички на Република Косово: „Тие соработуваа со нашата полиција и нашите институции“, пренесува „Данас“.
Курти вели дека луѓето на барикадите се платени од Србија: „Некои од нив имаат досиеја за криминални активности во минатото, имаат екстремни гледишта за политиката и светот . Некои од нив учествуваа во обидот за државен удар во Црна Гора пред пет години“.
На прашањето дали мисли дека Александар Вучиќ сака да предизвика меѓународен конфликт, тој одговара дека не може да се размислува поинаку.
„Го носите министерот за одбрана на границата со Косово, заедно со рускиот амбасадор во Србија и безбедносното аташе на Руската Федерација во Белград. Истиот ден тие запалија зграда во Зубин Поток. Исто така, МиГ-29 кружи околу Косово, хеликоптери од руско производство и оклопни возила … Значи, тие дојдоа со воен арсенал до границите на нашата земја. Нашите специјалци се таму, и во Брњак и во Јариње. Да не заборавиме, ден по прогласувањето независност на Косово на 18 февруари 2008 година, тие ги запалија граничните премини Јариње и Брњак“, додаде Курти.
Премиерот на Косово оцени и дека во Србија нема плурализам: „Имате една партија. Таа партија е и држава. Таа држава е и црква. Таа црква е и партија. Таму нема плурализам, тие глумат демократија со избори“.
Според Курти, тој изразил подготвеност за разговори и преговори и чека претседателкатана Европската комисија да пренесе јасна порака до Белград, каде што пристигнал во посета.
Курти, кој има албанско државјанство покрај косовското и гласаше таму неодамна на изборите, на прашањето дали е можно да се обединат Косово и Албанија, одговори: „Ние сме две држави, Косово и Албанија, но не сме две нации. Ние сме една нација. Границата помеѓу Косово и Албанија не е граница со Албанија, ниту граница со Косово, тоа е југословенската, српската граница и во таа смисла сакаме Приштина и Тирана да соработуваат што е можно поблиску, да се интегрираат и да си помагаат едни на други“.