Курти на барање на САД го одложи казнувањето за српските регистарски таблички

од Nikola Popovski
192 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти доцна синоќа на Твитер потврди дека на барање на американскиот амбасадор во Приштина, Џеф Ховениер ќе го одложи за 48 часа изрекувањето на казните за влез на граѓани со таблички КМ на територијата на Косово.

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави на социјалните мрежи ја изрази својата загриженост поради неуспехот да се постигне договор меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, вчера во Брисел и му предложи на премиерот на Косово го одложи спроведувањето на казните.

Курти му се заблагодари на Ховениер и потврди дека го прифаќа неговото барање.

„Го прифаќам неговото барање за одложување од 48 часа во издавањето казни за незаконските КМ (и други) автомобилски таблички. Среќен сум што ќе работам со САД и ЕУ за да се најде решение во следните два дена“, објави тој на Твитер.

Косовската полиција рано синоќа потврди дека од 22-ри ноември ќе почне да изрекува казни за возачите кои управуваат возила со српски регистарски таблички, а изрекувањето на казните ќе започне денеска по 8 часот.

Да потсетиме, вчера во Брисел се сретнаа српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, а на средбата, како што тогаш беше најавено, не беше постигнат договор. Трилатералната средба траеше неколку часа.

Двете страни не постигнаа договор затоа што, како што рече Борел на прес-конференцијата, Курти не го прифатил барањето на европските функционери за стопирање на сите дејствија поврзани со пререгистрацијата на возилата.

Ова го потврди претседателот на Србија на вонредна прес-конференција по враќањето од Брисел.