Курти на „голема врата“ влегува во Македонија: „Албанскиот гласач сонува за доаѓањето на спасител и идеологија како онаа на Самоопределување“

од Nikola Popovski
635 прегледи

Иако е премиер на соседно Косово, претседателот на косовската влада, Албин Курти станува редовен дел од актуелностите на македонската политичка сцена. Откако изминатото лето беше во неофицијална посета на Скопје и Тетов и во присуство на претседателите на Европскиот сојуз за промени, овојпат неговата партија Самоопределување се приклучува на здружената албанска опозиција во земјава, но само преку работа и поддршка, со оглед дека субјектот не е регистриран во земјава. -Од денеска Европскиот сојуз се состои од четири политички партии. Сега значи во овие четири е и Самоопределување, програмата ја работиме заедно, и нова канцеларија заедничка, и кампањата ќе биде заедничка, и ќе бидат дел парламентарните листи, значи ќе има членови и претставници од Самоопределување, изјави лидерот на Демократското движење, Изет Меџити.

Што значи влегувањето на Курти во Македонија?

Дел од домашните експерти сметаат дека албанскиот гласач во Република Северна Македонија кој размислува опозициски и кој во многу циклуси е поголем во број од победничката партија ДУИ, сонува за доаѓањето на еден спасител и идеологија како она на Самоопределување.

-Политичките партии во опозиција и секако и Алијанса за Албанците не успеаа да ги убедат гласачите дека се спремни за да ги претставаат во најдобро светло со оглед на многу влез-излез маневри каде влегуваат со големи апетити, а излегуваат со внатрешни поделби поради егото на одредени поединци во нивните редови за подолг мандат во власта и бенефиции, вели за „Локално“, политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“ Енвер Салихи.

Енвер Салихи

Следствено на ова, вели тој, гласачкото тело најдобро ќе прими една идеја која е за нив е очекувана, но сепак резервите се зошто ова движење се приклучува да биде рамноправен партнер во опозициската коалиција кога се знае дека ако се организира на најдобар начин може да биде и втора партија кај Албанците во моментот, а за наредните и победник на изборите.

-Самоопределување веќе подолг период се спрема за излегување на политичката сцена и токму во последните месеци имаше серија средби на видни албански интелектуалци кои би се приклучиле на оваа партија. Сепак изгледа проценката е дека ако излезат сами би се расцепкало гласачкото тело и формирањето на партијата ќе ја остават за после изборите и со бавни и сигурни чекори, оценува Салихи.

Истакнува дека нема некоја стратегија или намера во формирањето на Самоопределување, односно како што вели Салихи, тоа е барање на албанските гласачи кои се опозициски за приклучување на една идеологија која ќе биде различна од сегашните опозииски парти кои до скоро време водеа битка за тоа кој ќе влезе во Влада без да ги освои изборите.

-Идеологијата на Самоопределување никогаш не би дозволила такво нешто, додава тој.

-Насекаде гледаме знамиња на голема Албанија и Македонија, но сепак тие се еден мал дел од граѓаните кои се ултра десничари во мислењата и немаат баш никава улога во креирањето на јавното мислење и добриот соживот во Македонија . Овие се анти-албански спинови кои имаат за цел диксредитација на одредени политички лидери, а напротив доколку се даде внимание напротив би го зголемило нивниот рејтинг како политичари, вели соговорникот околу можните договори и планови на здружената албанска опозиција со партијата на Албин Курти.

-Самоопределување во Македонија се формира со македонски граѓани и целокупноста и самостојноста на Македонија никогаш нема да биде во прашање, дециден е аналитичарот.

Околу тоа колку Курти е потребен за да се победат ДУИ и Али Ахмети, Салихи смета дека тешко е да се победи партијата од Мала Речица, во моментот кога „поради нивниот голем рејтинг и нивната експанзија во сите пори во општеството, единствено здружувањето на Алијанса за Албанците со опозицијата може да донесе таква надеж“.

-Сепак гледаме дека истите се за излегување со ДУИ на наредните избори бидејќи нивното самостојно излегување во ИЕ 1 и ИЕ 2 не би можеле да освојат ниту еден пратеник, заклучува Салихи.

Џенур Исени

Со сличен став е и аналитичарот Џенур Исени, кој вели дека Курти е единствен албански лидер кој во Македонија ќе може да го поттикне апатичниот албански гласач кој со години не излегува на избори.

-Овде има многу албански семејства кои што имаат косовско потекло и едвај чекаат да дојде некој како Курти за да му дадат поддршка. Тоа ќе значи голем ризик за ДУИ, посочува Исени за „Локално“.

Како што вели, „Самоопределување“ веќе неколку години се спомнува дека ќе се формира.

-Партијата на Ахмети пука по сите шавови. На ДУИ, која е две децении на власт, како никогаш и се заканува пропаст. Најмногу тоа се докажа со отцепувањето на дел од членството кое се организираше во ново движење – партијата на Изет Меџити. Јас мислам дека албанската опозиција доби крилја со подршката од Албин Курти, потенцира аналитичарот.

Исени тврди дека Курти ужива најголема подршка од албанството во целина, и верува дека ова ќе се одрази и во Македонија.

-Секогаш опозицијата имаше најмногу гласови во Македонија, но немаше кој да ги унифицира, сега мислам дека ќе се унифицира уште повеќе опозицискиот албански гласач и прв пат по 20 години и ДУИ да почуствува како да се биде во опозиција, објаснува Исени.

Н.П.

Слични содржини