Курти на Парадата на гордоста: Косово гарантира еднаквост

од Nikola Popovski
679 прегледи

Косовскиот премиер Аљбин Курти изјавил дека Парадата на гордоста ја афирмира различноста и се спротивставува на стигматизирањето на ЛГБТ заедницата од општеството, пренесува приштинска „Коха“.

По парадата тој исракнал дека Косово гарантира еднаквост за сите граѓани и дека треба да се исклучат предрасудите.

„Парадата ја афирмира различноста и се спротивставува на стигматизацијата. Ако веруваме во човековите права, тогаш мора да ги отфрлиме предрасудите. Некои луѓе се различни, некои луѓе се многу различни, но сите сме луѓе и треба да бидеме еднакви. Еднаквоста е таа што ни овозможува да се обединиме, го спречува исклучувањето и гарантира инклузивност. Затоа учествував на парадата, бидејќи нашата независна земја е демократска република која никого не исклучува и на сите им гарантира еднаквост“, рекол Курти.

Претседателката на пратеничката група на Самоопределување, Мимоза Кусари Љиља, која покрај Курти присуствувала на Парадата на гордоста во Приштина, порачала дека ЛГБТ заедницата треба да биде прифатена во општеството и дека не смее да им се прекршуваат правата.

Уште еден од учесниците, градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама истакнал дека на секој човек треба да му се дозволи да биде тоа што е и дека треба многу повеќе да се направи во таа насока, со оглед дека ЛГБТ заедницата се вознемирува без причина.

Тој додал дека секој граѓанин треба да биде поддржан се додека не се загрозува меѓусебната безбедност.

На 8. Парада на гордоста што се одржа вчера во Приштина присуствуваа и министерот за здравство, Арбен Витиа, министерката за правда, Аљбуљена Хаџиу и министерот за култура, Хајрула Чеку.

Слични содржини