Косовскиот премиер Албин Курти во Приштина разговараше со командантот на КФОР Анџело Ристуча и шефот на мисијата ЕУЛЕКС Ларс Гунар Вигемарк, а како што соопшти косовската влада, на средбата било оценето дека на ниту еден пат на Косово не треба да се поставуваат барикади.
Како што соопшти владата на Косово, соговорниците заклучиле дека во однос на барикадите што Србите ги поставуваат на патиштата на северот на Косово, неопходно е „да се врати слободата на движење“.
„Се зборуваше и за активностите на криминалните структури на северот на Косово, кои сериозно влијаат на безбедноста на земјата. На средбата беше договорено продолжување на блиската меѓуинституционална соработка и координација на акциите, во служба на мирот и безбедноста за сите граѓани на Косово, што е заедничка цел и приоритет на институциите на Косово, КФОР и ЕУЛЕКС“, се наведува во соопштението.
Се додава дека во разговорот била истакната „докажаната професионалност, разумност и храброст на косовската полиција во одржувањето на безбедноста и јавниот ред на целата територија на Косово“.