Премиерот на Косово, Албин Курти денеска, пред разговорите со претставниците на ЕУ, изјави дека во Охрид ќе се разговара за планот за имплементација на договорот „бидејќи нема готов текст“.
„Додека нема готов текст, не може да има заклучок на разговорот, а додека не се заврши разговорот, не може да има ни договор. Тука сум за принципиелен, отворен, сериозен дијалог кој треба да резултира со договор, а договор значи конечен и договорен текст. Не дојдов на разговор за разговорите, туку на разговори за договор“, рече Курти, пренесе „Репортери“.
Курти, пред средбата со високиот претставник на ЕУ, Жосеп Борел, и со пратеникот за дијалог, Мирослав Лајчак, истакна дека освен што е оптимист, дошол „со добра намера и волја“.
„Сакам претходно постигнатиот договор, кој за жал не беше потпишан во Брисел на 27 февруари, да се продолжи со разговори за планот за имплементација и на овој начин да се заокружи договорот за нормализација“, додаде Курти, пренесе Танјуг.
Тој истакна дека ќе даде се од себе за јавниот интерес и за сите граѓани, без разлика на националноста.
Премиерот говореше за новинарите по средбата што ја имаше со првиот човек на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, а потоа разговараше и со специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
„Потоа ќе одам на средба со претседателот на Северна Македонија, Пендаровски, а потоа ќе имам билатерални средби со европските посредници, Борел и Лајчак, што и претходи на трилатералната средба“, додаде Курти.