Косовскиот премиер Албин Курти на тркалезната маса во Скопје, во рамки на самитот на лидерите на Западен Балкан, изјави дека за да се постигне економска интеграција на регионот и приближување на граѓаните, мора да се запрат безбедносните закани.
„Подлабоката интеграција и зголемениот промет на стоки и луѓе бараат взаемна доверба и нормални односи меѓу нашите земји, институции и луѓе. Тоа не може да се случи ако слободата на движење на стоки се користи за движење на оружје и муниција или за спонзорирање на терористички напади“, изјави Курти.
Тој истакна дека клучна е нормализацијата на односите врз основа на меѓусебно признавање.
„ЕУ претставува стратешки избор на раководството на една земја. Наша должност е да се реформираме и да ги исполниме условите, а ЕУ потоа ќе суди според заслугите“, рече Курти.