Курти: Од Запад зависи дали ќе продолжат тензиите на северот на Косово

од Берта Китинска

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека тензиите на северот на Косово ќе продолжат, доколку западните демократии и дозволат на Србија да продолжи со „старите соништа, кои стануваат ноќен кошмар за соседите на Србија, но и за српскиот народ“.

Пред средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел на 18 август, Курти рече дека секое решение треба да има „заемно признавање во центарот“.

„Мислам дека проблемот на Белград е што тој едноставно продолжува со своите стари соништа кои стануваат ноќен кошмар за соседите на Србија, но и за самиот српски народ“, изјави Курти за „Фајненшл тајмс“, а пренесува агенцијата Бета.

„Загрижени сме, но не се плашиме“

Во тој контекст Курти зборуваше и за руското влијание врз односите меѓу Косово и Србија.

„Загрижени сме, но не се плашиме. Како ќе се развива ситуацијата многу зависи од тоа каков став ќе заземат западните демократии кон Белград“, рече тој.

Курти рече дека „она што Србија го сака се европските фондови, руското оружје, кинеските инвестиции и американската толеранција“.

„Ако западните демократии повеќе не го дозволат тоа, решението ќе биде многу полесно остварливо. Но, ако им се дозволи на (Србите) да ја играат оваа игра, оваа тензија ќе продолжи“, рече Курти.

Курти ги опиша српскиот национализам и руските интереси како „иста работа“, додавајќи дека колапсот на едниот ќе го ослабне другиот.

„Путин сака да докаже дека интервенцијата на НАТО на Косово беше привремен успех. Но, сведоци сме дека Косово е тука да остане“, рече премиерот на Косово.

Слични содржини