Курти: Оние кои имаат намера да го дестабилизираат Косово, ќе пропаднат

од Stefanija Kuzmanovska
130 прегледи

Нелегалните структури на Србија се трансформираа во криминални банди и сега е почетокот на нивната последна фаза, рече косовскиот премиер Албин Курти.

Курти по церемонијата за отпочнување на втората фаза од поправката на 10. железничка линија Косово Поље-Митровица зборуваше и за состојбите на северот од државата.

Курти рече, како што пренесуваат косовските медиуми, дека косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свеќља секојдневно е во Митровица и е во постојан контакт со командата на КФОР за отстранување на барикадите.

„КФОР побара уште малку време од нас, па ние сме во координација, редовна, интензивна комуникација со КФОР и очигледно нема да можат да толерираат толку долги барикади“, нагласи Курти.

Тој зборуваше и за барањето на Србија за враќање на воениот контингент од 1.000 војници на Косово.

„Испратија барање до КФОР, колку што знам, сега тоа е секако нереално барање кое повеќе зборува за нив отколку за нашата земја. Никогаш немало потреба од српски војници во Република Косово. Никогаш немало потреба од српски војници во 20 век, ниту во 19, нивното барање сега повеќе покажува дека тие останале во деветнаесеттиот и дваесеттиот век. Секако, НАТО ќе биде против тоа, а тие исто така многу добро разбираат дека тие кутрите српски војници, кои тврдат дека ги носат во нашата земја, немаат каде да дојдат на Косово. Така, тоа е повеќе израз на нивната беспомошност отколку на нивната моќ“, рече Курти.

Според Курти, ваквите обиди се насочени кон дестабилизација на Косово и ќе пропаднат.

„Не можам да кажам дека тоа е граѓански протест кога таму има вооружени луѓе кои сакаат Косово да се врати во 1999 година и кои носат пароли и слики од деспотскиот претседател Путин. Затоа, оние кои сакаат Србија да биде Русија и во исто време имаат за цел да го дестабилизираат Косово, секогаш ќе пропаѓаат како што не успеаја вчера. Нивната намера беше да влезат во Косово, не беа толку бројни како што мислеа, додека безбедносните власти на Република Косово и меѓународните сили природно се грижеа за безбедноста и мирот“, рече Курти.

Слични содржини