Косовскиот премиер Аљбин Курти (48) во интервју за хрватската новинска агенција Хина, во пресрет на новата рунда дијалог за нормализација на односите со Србија, изјави дека нема да дозволи создавање на некаква форма на Република Српска во северот на Косово.
На средбата меѓу Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел на 2 мај ќе биде претставен нацртот на Заедницата на српските општини, што е клучна точка на преговорите. Курти вели дека сè уште не го видел нацртот.
Формирање на заедница на општини со српско мнозинство на северот на Косово (ЗСО), што е приоритет на Србија, предвидува бриселскиот договор за нормализација на односите од 2013 година.
Косово, од друга страна, се обидува да ја спречи оваа заедница да има извршни овластувања, вели Курти, нагласувајќи дека не сака нешто како Република Српска во БиХ на нејзина територија.
„Имајќи го предвид инсистирањето на Брисел, ќе ми биде драго да видам каков нацрт подготвиле, иако мислам дека би било подобро прво да ми го презентираат во Приштина. Сепак, ќе се погрижам да се исполни она што веќе беше договорено на 27 февруари во Брисел, а тоа е постоењето на соодветно ниво на самоуправа на српската заедница според највисоките европски меѓународни стандарди за заштита на малцинствата“, рече тој.
„Но, она што нема да го дозволиме е правото на територијализација и создавање на што било слично на Република Српска во Босна и Херцеговина. Нема да дозволиме сателитска парадржава со деструктивна суштина која би ја поткопала државноста на Косово“, нагласи тој. .
Курти тврди дека гледа сличности со Русија во односите на Србија со соседните земји.
„Сепак, нашата земја е нормална демократска земја која им дава индивидуални и други права на своите граѓани, но не дозволува територијализација врз основа на етничката припадност бидејќи е против демократијата и републиката“, додаде Курти.
Тој рече дека им служи на сите граѓани на Косово, без разлика на етничката, социјалната или верската припадност и дека во Брисел ќе обезбеди уставност и законитост на целата територија на Косово.
„Територијалниот суверенитет и интегритет се нешто што не смее да се нарушува. Сакам нормални односи со Србија, европски односи, добрососедски односи. Заштитата на малцинствата ни е важна. Но, ние не можеме да и дадеме извршни овластувања на локалната заедница, бидејќи извршната власт е на Владата и на општините“, нагласи тој.
„Покрај тоа, сакаме да ги зајакнеме јавните услуги кои би им се нуделе на сите граѓани без разлика на националноста, а не се обезбедуваат поради националност“, рече тој.
Да почекаме да видиме како ќе се одвива средбата во Брисел, додаде Курти.