Курти: Самоопределување не учествува и не се меша во изборите во С. Македонија

од Nikola Popovski
468 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти вчера во Скопје изјави дека обвинувањата против движењето Самоопределување за мешање во изборите во Северна Македонија се неосновани и посочи дека неговата партија не е ниту регистрирана како политички субјект во нашата земја, пренесува „Телеграфи“.

Тој истакна дека движењето Самоопределување нема да учествува на изборите во Северна Македонија.

„Самоопределувањето не е регистрирано во Северна Македонија. Имаме активисти, имаме функционери на нашиот политички субјект во Косово кои доаѓаат од Северна Македонија, но овде (во Северна Македонија) немаме формално регистриран центар за Самоопределување, така што ние како движење не учествуваме на изборите овде“, рече Курти.

На прашањето дали албанските политички партии треба да имаат свој кандидат за претседател во Северна Македонија, Курти рече дека за тоа треба да одлучат граѓаните, но и политичките партии во нашата земја.

„Желбата е да има најголемо можно учество на партиите на избори, бидејќи тоа придонесува за демократијата. Знаеме дека последниот попис на населението, вклучително и иселениците, покажа дека Албанците се со процент од 29 отсто и ако не се лажам тие, се разбира, сами треба да решат дали меѓу нив ќе има кандидат и кој ќе биде“, рече Курти.

Според Изборниот законик, за формално да учествува во изборниот процес – не како поддршка туку да биде и организатор на кампањата, една партија треба да биде регистрирана во земјава.

„Странски правни и физички лица не можат да организираат изборна кампања“, гласи ставот 3 од членот 70 во Изборниот законик.

Процедурата за регистрација според Законот за политички партии, пак, предвидува дека за основањето се потребни потписи од најмалку 1 000 граѓани кои имаат избирачко право во земјава, како и основање на Собрание на основачи кое треба да донесе одлука, програма, статут и да формира партиски органи, а потоа и да се запише во судскиот регистар.

Слични содржини